Коалицијата “Сексуални и здравствени права на маргиналзираните заедници“ го организира фестивалот кој се посветува на сексуалноста и родот во алтернативниот филм и видеото во екс Југославија, наречен „Иднината е меѓу твоите нозе“ .
Фестивалот ќе се одржи од 21-23 октомври, во Кино Фросина, Кино Култура, и Концепт 37.
Целта на фестивалот според организаторите е да го донесе во преден план значењето што го имаат за колективната меморија различните форми на сексуална и родова имагинација и отпор во културната продукција во рамки на алтернативниот филм, видеото и субкултурните практики во Југославија.
„Отворајќи ги спецификите на оваа продукција, сакаме да размислуваме и разговараме за можностите што различните критички и еманципаторски имагинации за сексуалноста, родот и телесноста во Југословенската културна продукција од маргините ги отвора за нашето современо обмислување на родовата и квир критика и отпор.
Фестивалот го започнуваме во петок, 21.10, во 20:00ч, во Кино Фросина, со селекцијата на Жељко Лукетиќ “Должината не е важна – Хрватскиот алтернативен филм 1964-1989“. Во рамки на оваа селекцијата ја имаме ретката и значајна можност да видиме за првпат некои филмови од најзначајните претставници на југословенската кинематографија и уметност, како Томислав Готовац, Хрвоје Туркович, Мирослав Микулјан, Дасен Штамбук, Невен Корда, Иван Салај итн.
Во сабота, 22.10, во 13:00ч во Кино Култура, предавање на тема “Без гордост 2013: Репрезентација на квир идентитетите во Источноевропската уметност и култури“ ќе одржи Саша Кесич од Белград.
Сабота вечер, 19:30ч. во Кино Фросина е резервирана за селекцијата на Марина Гржиниќ од Словенија, со исклучителната можност да се видат видео делата што таа и Аина Шмид ги продуцираа во 80-тите и раните 90-ти.
Недела, 23.10, во 18:00ч, во Кино Култура ќе одржи предавање босанската уметница Адела Јушиќ, на тема “Секс, брак и репродукција: Создавањето на идеалната југословенска жена“.
Фестивалот го затвораме со DJ сет на Виолета Качакова и видео проекции на видеа од Borghesia од 80-тите во Концепт 37 (22:00ч)“, се вели во најавата за настанот.