Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ ќе се повлече откако владееше неприкосновено 25 години, а неговата Демократска партија на социјалистите го именуваше неговиот заменик Душко Марковиќ како потенцијален наследник.
Ѓукановиќ, кој ја предводеше Црна Гора до независност од Србија во 2006 година, во минатото двапати поднесуваше оставка, но се враќаше како премиер или како претседател. Тој имаше 29 години кога стана најмлад премиер во Европа во 1991 година. Беше избран за претседател во 1998 година, пред повторно да се врати на премиерската функција во 2002 година и е најдолговечниот лидер на Балканот. ДПС освои најмногу места во црногорскиот парламент на изборите на 16 октомври, но ќе мора да прави коалиција за да остане на власт, пишуваат светските агенции.
ДПС синоќа соопшти дека Душко Марковиќ е кандидат на партијата за мандатар на новата Влада. Со седницата на претседателството претседавал Ѓукановиќ.
Владејачката партија не ги откри причините за неговото повлекување од премиерската позиција, но потврдија дека останува лидер на партијата.




