https://www.youtube.com/watch?v=V3kxkRkUJlA
Десетина луѓе се повредени во двата силни земјотреси што вчера ја погодија централна Италија, два месеци по катастрофалниот во истата област во кој загинаа над 300 луѓе.
По првиот потрес со јачина од 5,6 степени луѓето излегле на улиците, а два часа подоцна се случи уште еден, со јачина од 6,1 според Рихтер.
Спасувачките екипи цела ноќ по дожд ги пребарувале урнатите згради и објекти.
На насловните страници на неколку италијански весници се појавија наслови „Кошмар кој нема крај“.
-Многу куќи се урнаа. Нашиот град е готов, изјави Марко Риналди, градоначалник на планинскиот град Усита.
Тој истакна дека вториот потрес траел долго и бил страшен.
-Сум почувствувал многу земјотреси, но овој беше најсилен. За среќа, по првиот сите ги напуштија домовите, и нема повредени, истакна Риналди.
Претставниците на цивилната заштита на синоќешната конференција за новинари соопштија дека неколку десетина луѓе се полесно повредени, нагласувајќи дека ситуацијата не е толку катастрофална како што се очекувало имајќи ја предвид јачината на потресот.
Земјотресот бил почувствуван и во Рим.
Вториот земјотрес бил почувствуван до Венеција, на крајниот север, како и во Неапол, јужно од престолнината.
Епицентарот на двата потреси бил во селото Висо, во централните делови на земјата.
Во август годинава, силен земјотрес практично го срамни со земја градот Аматриче, на 70 километри од селото, при што загинаа 297 луѓе а стотина беа повредени.




