Во околината на Белград во Јајинци, каде што е семејната куќа на српскиот премиер Александар Вучиќ, пронајдени се сандаци со оружје, соопшти министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ.
Во сандаците, за кои се вели дека ги откриле „граѓани кои ја известиле полицијата“ имало бомби, поголемо количество муниција и еден противтенковски лансер со граната, од типот „Оса“ оружје од арсеналот на југословенската армија.
Според информациите на српското МВР, оружјето било пронајдено во непосредна близина на пат кој водел кон куќата на Вучиќ.
Стефановиќ дополни дека српските безбедносни служби се на терен и покрената е широка истрага за случајот.
– Местото на кое е најдено оружјето е одалечено само 50 метри од патот и има идеална позиција за напад, обезбедувајќи му на потенцијалниот напаѓач лесно да побегне, изјави Стефановиќ.
Минатата вечер, министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ побара од службата која се грижи за безбедноста на премиерот и на неговото семејство, да биде максимално подготвена, бидејќи според неговите зборови, на многумина во светот им пречело што Србија и Вучиќ воделе независна политика.




