Како резултат на земјотресот што во неделата ја погоди централна Италија со јачина од 6,5 степени според Рихтер, површината во некои делови потонала за 70 сантиметри, соопшти денеска италијанскиот Совет за истражување.
Врз основа на сателитските снимки, научниците од ЦНР институтот за геологија и вулканологија утврдиле деформации на тлото на 130 квадратни километри во планинската област.
Деловите околу Перуџа, околу 10 километри од епицентарот на потресот, потонале до 70 сантиметри, се наведува во соопштението.
-Толкаво тонење на тлото е невообичаено, изјави портпаролот на Институтот Марко Ферацоли за Франс прес додавајаќи дека на 24.август по земјотресот на ова подрачје, тлото понирало за 18 сантиметри.
Снимките од воздух покажале дека на одредени места распукала и планината околу местото Норча.
Илјадници потреси и натаму се регистрирани во регионот, а сеизмолозите проценуваат дека претстојат и нови, слични како и тој во неделата и дека процесот на смирување на тлото ќе биде бавен.
Италијанскиот геолошки институт соопшти дека покрај големиот број слаби потреси, утринава е забележан и еден релативно посилен змејотрес со јачина од 4,7 степени по Рихтер.




