Апелацискиот суд одлучи, претседателот на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски и судијата на претходната постапка, Славјанка Јанкоска, во случајот каде што овластената градежна инспекторка од општина Центар е тужена, да се иземаат од случајот.
Одбраната на градежната инспекторка по предлогот од Обвинителството побара изземање на сите судии од скопскиот Кривичен суд по овој предмет, бидејќи предметот се однесува токму на претседателот на судот, Владимир Панчевски.
– Адвокатот на инспекторката, во поднесеното барање за изземање на судија кој постапува и на претседателот според член 33, став 2 од Кривичен законик, наведува дека причина за изземањето е постоење основа за непристрасност за постапување на судиите поради фактот што како оштететен се јавува претседател на судот, па поради колегијалните односи се доведува во прашање постапувањето на судиите.
Панчевски изјавил дека не постојат причини за негово изземање, бидејќи освен колегијални, нема лични односи со судиите.
Истовремено, Апелација не го уважи барањето за изземање на сите судии од Основен суд Скопје 1, бидејќи странката може да бара изземање на судии само поединечно.
Предметот ќе се распредели автоматски на друг судија во кривичниот оддел, согласно годишниот распоред на судот, се вели во соопштението од Општина центар.
Градежната инспекторка на општина Центар минатата недела констатираше дека претседателот на судот Владимир Панчевски со двајца роднини, без одобрение изградил уште два спрата на објектот на улица „Никола Вапцаров“ бр. 6. Но додека општината подготвувала документацијата за уривање на бесправно изградениот објект, вчера инвеститорите, кои претходно тврдеа дека се работи за политичка хајка против претседателот на Кривичниот суд, почнаа со уривање.
– Се работи за самоиницијативна одлука на инвеститорите да го вратат објектот во првобитната состојба, изјави денеска пред новинарите адвокатот на семејството Панчевски, без притоа да одговори зошто се одлучиле за рушење пред да видат дали ќе им се прифати жалбата.
Во меѓувреме, за инспекторката која донесе решение за рушење на два ката од спорниот објект на Владимир Панчевски, скопското обвинителство побара од судот да и се забрани да постапува по предметот. Таа достави исказ пред надлежните, а одбраната побара изземање на сите судии од скопскиот Кривичен суд по овој предмет.




