Британската премиерка Тереза Меј е уверена дека со жалба до Врховниот суд ќе успее да ја поништи одлуката на Вишио суд дека Владата мора да добие одобрение од британскиот Парламент за започнување на формалниот процес за напуштање на ЕУ, изјави нејзиниот портпарол.
Меј во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на ЕК Жан Клод Јункер исто така повторила дека нејзиниот временски рок за активирање на Членот 50 од Лисабонскиот договор не е променет.
Како што истакнала, таа процедура ќе ја покрене до крајот на март.
– Нашиот фокус ќе биде на Врховниот суд, каде ќе поднесеме жалба и ќе го добиеме случајот и сигурни сме дека тоа ќе ни овозможи да го исполниме рокот што го поставивме, рече портпаролот пред новинарите.
Тој додаде дека Меј оваа порака ќе ја упати и во телефонските разговори со францускиот претседател Франсоа Оланд и со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во текот на денот.
Портпаролката на ЕК Мина Андреева во исто време изјави денеска дека тајмингот за излез на Британија од Унијата е во рацете на Лондон, откако британскиот суд донесе одлука која би можела да го одложи тој процес.
ЕК вчера соопшти дека нема да ја коментира одлуката на Вишиот суд на Велика Британија дека парламентот, а не владата треба да го одобри почетокот на Брегзит.
Во одлуката на Вишиот суд е наведено дека премиерката Тереза Меј немала овластувања да започне примена на Членот 50 од Лисабонскиот договор кој им овозможува на државите членки да ја напуштат Унијата.




