На над 80 отсто Американци им е преку глава од претседателската кампања и одвај чекаат да заврши, пренесува Њујорк Тајмс една од последните анкети на јавното мислење.
Американците сметаат дека е време на оваа валкана кампања да и дојде крајот. За кампањата Американците велат дека е највалканата и најнасилната во историјата на САД. Американските граѓани повеќе не можат да ги слушаат постојаните обвинувања на кандидатите и скандалите на двете страни.
Скандалот со мејловите на демократката Хилари Клинтон, сексизмот на републиканецот Доналд Трамп и постоечката социјална фрактура која со кампањата беше продлабочена им станаа одвратни на Американците.
“Над осум од десет избирачи изјавија дека кампањата не донела никаков ентузијазам туку одвратност, постојаната отровност на дебатите е закана за кандидатот кој ќе стане претседател”, пишува Њујорк Тајмс.
И додава дека анкетата открива дека најголем број избирачи ги сметаат Клинтон и Трамп за “нечесни”.
Така 82 отсто од гласачите велат дека кампањата е “одвратна” а само 13 отсто покажале ентузијазам од кампањата. И во двете партии – Демократската и Републиканската – помалку од половина избирачи сметаат дека нивниот кандидат е добар избор. Кај Републиканците ги има 39 отсто а кај Демократите 46 отсто.
И американските медиуми се згрозени од кампањата па и тие одвај чекаат таа да заврши. Сепак, треба да се признае дека токму медиумите додаваа масло на огнот и дадоа голем придонес кампањата да биде токсична.
На 4 ноември Тајм објави фотомонтажа на двајцата кандидати кои носат постер на кој пишува “Крајот е блиску”.
На 8 ноември Американците ќе го бираат својот 45ти претседател. Во анкетите разликата помеѓу Клинтон и Трамп е одвај од три поени, колку што изнесува можноста за грешка на анкетата.