Претседателот на Србија, Томислав Николиќ во интервју за емисијата „Сведок“, изјави дека тој и Владата на Србија решиле многу од стереотипите и мислењата кои постоеле за Србија.
„Мислам дека брзо успеавме да ја отвориме вратата на која никој порано не тропаше, успеавме да докажеме дека Србија може и подобро“, рече српскиот претседател.
Томислав Николиќ во интервјуто за „Сведок“ нагласува и за напредокот на Србија и напорите за да се добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, но дека поради инсистирањата на Албанците да компромисот помеѓу Белград и Приштина се толкува на нивен начин, ќе се види дали ќе се изгуби оваа прилика за добивање датум.
Николиќ истакнува дека е време и луѓето кои ја водат ЕУ да станат посериозни и да кажат отворено што сакаат.
„Ако Србија ги истакна своите политичари од највисок ранг, време е и ЕУ да не се крие зад своите претставници. И таа нека каже што сака. Србија направи се со полна вера и желба“, наведува Николиќ.
Коментирајќи ги очекувањата да се спротистави на ориентацијата на српската влада и да се стави на чело нов „патриотски блок“, Николиќ рече дека оваа влада никогаш нема да ја остави без поддршка.
“Победив во невозможни услови и не победив така што јас би владеел. Да сакав да владеам немаше да ја напуштам партијата, и би се однесувал како моите претходници. Јас искрено го почитувам Уставот на Србија, и искрено учествував во формирањето на владата, бидејќи јас сум за промени”, вели претседателот на Србија.