„Убавото мало бело девојче не би дотрчало во прегратка на црнец освен ако нешто не е како што треба“, со оваа изјава Чарлс Ремзи полека стекнува светска слава.
Ремзи е сосед кој помогнал во спасувањето на Аманда Бери, Џина Де Хесус и Мишел Најт, кои биле киднапирани и поминале 10 години во заробеништво во куќата на Ариел Кастро.
„Тука сум веќе една година. Сум правел скара со овој човек. Заедно јадевме ребра и што уште не, слушавме салса“, вели Ремзи за Кастро.
Ремзи живеел наспроти куќата во која се наоѓале трите девојки.
„Една девојка ја отвори вратата и започна да вреска. И така и пријдов…и ја прашав дали можам да и помогнам, што се случува? Таа рече: Бев киднапирана и бев во онаа куќа долго време. Сакам веднаш да си одам“, изјавува соседот, кој и дозволил на исплашената девојка да се јави во полиција.
Според CNN, oткако американската полиција ги ослободила трите киднапирани девојки во Кливленд, сега истражува дали постои и четврта жртва. Ешли Самерс исчезнала во истиот дел од Кливленд во 2007 година, кога имала 14 години.
Во 2009 агентите претпоставиле дека постои врска меѓу исчезнувањето на Ешли и Аманда Бери и Џина де Хесус, пред сѐ поради физичката сличност на жртвите и поради тоа што сите исчезнале во ист кварт.