Од дописникот на НОВА од Вашингтон, Биљана Секуловска
Со освоени 289 електорални гласови од вкупно 538, републиканецот Доналд Трамп е избран за 45 претседател на САД. Неговата противкандидатка демократката Хилари Клинтон освои 218 гласови од членовите на електоралниот колегиум.
Трамп во првото обраќање по победата рече дека ќе биде претседател на сите Американци и дека ќе го обнови американскиот сон.
– Сега е време за сите Американци да се обединат. Време е да се излечат сите рани настанати со поделбите, рече Трамп. Тој додаде дека ќе соработува со сите земји кои сакаат соработка со САД.
-Ќе барам заеднички јазик, а не непријателство, партнерство, а не конфликт, рече тој.
Републиканецот кој е избран за 45.претседател на САД рече дека „заборавените Американци веќе нема да бидат заборавени“ и најави дека „конечно ќе се грижи за воените ветерани“.
Најави обвнова на инфраструктурата и „одличен економски план кој двојно же го зголеми економскиот раст на земјата“.
На крајот тој ги повика сите оние кои не гласале за него да му помогнат и заеднички да ја обноват Америка.
Претходно, избраниот потпретседател Мајкл Пенс, најавувајќи ја победата на Трамп рече дека „Амеиканците го кажале своето“ и дека водството и визијата на Трамп повторно ќе ја направат Америка голема.
Тој рече дека неколку минути пред да се појави на говорницата му се јавила Хилари Клинтон да му соопшти дека ги признава резултатите од изборите и со тоа да го признае поразот и очигледно- победата на Трамп. Притоа тој и оддаде признание за нејзината борба.
-На Клинтон и должиме голема благодарност за нејзиниот труд и напор, рече Трамп.
Републиканскиот кандидат Доналд Трамп пристигна во седиштето на Републиканците за да одржи победнички говор, додека демократката Хилари Клинтон, според најавите, нема да одржи говор, тоа би бил говор на губитник.
Пред половина час можеби се говореше дека само чудо може да ја доведе демократката Хилари Клинтон директно во Белата куќа. Трамп има 288 изборни гласови а Клинтон остана на 215. Популарните гласови се на страната на Трамп.
Во кампот кај Клинтон беше депресивно, сите беа во шок, додека Трамп го подготвуваше победничкиот говор, така барем велат медиумите. Сега веќе шокот поминува полека и се бараат причини, грешките во кампањата, кои беа погрешните потези на Клинтон, но и кај нејзините соработници.
Аналитичарите, опинион мејкерите и особено кампот на Клинтон се шокирани од неможноста да предвидат сериозна можност за победа на Трамп. Сите предикции се движеа во насока дека ќе биде тесна победа за Клинтон.
Пол Кругман во Њујорк тајмс напиша вечерва „ова е неверојатно ужасно. Не можам јас, како и веројатно голем број на читатели на Тајмс не можат да разберат во каква земја живееме. Мислевме дека нашите сограѓани нема да гласаат за неквалификуван кандидат, несоосдветно темпераментен, така застрашувачки. Мислевме дека нацијата е отворена и толерантна, далеку од расистички предрасуди и омраза кон жените.
Мислевме дека мнозинството Американци ги ценат демократските норми и владеењето на правото. Се испостави дека не бевме во право. Се испостави дека голем дел бели луѓе кои живеат во руралните средини не ја делат нашата идеја за тоа што е всушност Америка“.