Британската Влада нема сеопфатен план за излез на земјата од ЕУ, а поради поделбата во Кабинетот, преговарачката стратегија можеби нема да биде усвоена во следните шест месеци, покажува меморандумот кој протече од Кабинетот на британската премиерка Тереза Меј, пренесува Би Би Си.
Во меморандумот доставен до весникот Тајмс и во кој Би Би Си имал увид, се предупредува дека Владата работи на 500 проекти поврзани со Брегзит и дека веројатно ќе и биде потребен персонал од 30.000 луѓе.
Меѓутоа се наведува дека нема заедничка стратегија за излез од Унијата поради „поделба во Кабинетот“, се наведува во документот.
Портпаролот на британската Влада изјави дека тоа не е владин извештај и дека не ја признаваат содржината на документот, истакнувајќи дека Владата е фокусирана на активности за реализација на Брегзит, пренесува Ројтерс.
Во меморандумот составен од неименуван консултант со датум од 7. ноември, се навестува дека ќе бидат потребно 6 месеци за Владата да одлучи точно што сака да постигне со Брегзит или да се усогласи кога станува збор за приоритетите.
Во извештајот со наслов „Нови информации за Брегзит“ се критикува премиерката Тереза Меј поради склоност да „влегува во одлуки и детали за да ги реши работите сама“, наведуваат Би Би Си и Тајмс.
Тајмс пишува дека документот меѓудругото ја изнесува на виделина поделбата меѓу министерот за надворешни работи Борис Џонсон, министерот за Брегзит Дејвид Дејвис и министерот за меѓународна трговија Лајам Фокс од една страна и канцеларот Филип Хамонд и министерот за економија Грег Кларк од друга.
Британскиот весник истанува дека во меморандумот се наведува дека секое министерство направило план за евентуалните последици од Брегзит, како план како да се излезе на крај во „најлош случај“.
Премиерката Меј се надева дека ќе го активира Членот 50 што е почеток на формалниот двегодишен процес за излез од ЕУ, до крајот на март 2017, но Би Би Си тврди дека споменатиот документ покажува колку Брегзит ќе биде „комплексен, тежок и полн со предизвици“.




