Рано утрово започнаа општите избори во Пакистан кои се сметаат за историски важни за оваа земја, а веднаш по отворањето на избирачките места во Карачи е извршен бомбашки напад, во кој загинаа 11 лица.
Цел на нападот била канцеларија на пакистанската партија Народна национална партија (Авами) во Карачи, при што беа повредени 35 лица.
Веднаш по отворањето на избирачките места беше извршен втор бомбашки напад, во кој осум лица се повредени.
Нападот беше на избирачко место во градот Пешавар, на кое гласале само жени.
Фаворит на изборите е опозициската Пакистанска муслиманска лига на поранешниот премиер Наваз Шариф, но во центарот на очекувања е и некогашната ѕвезда на крикет Имран Кан и неговата партија Техрек-е Инсаф.
Голем број гласови се очекува дека ќе добие и Пакистанската народна партија, која ја основа Зулфикар Али Буто, татко на некогашната прмеиерка Беназир Буто.
Ова се првите избори по завршувањето на целиот мандат на една цивилна влада во Пакистан, кој има историја на смена на власта со државни удари.