Некогашниот лидер на Гватемала, Ефраин Риос Монт е осуден на 80 години затвор поради геноцид и злосторство против човештвото.
Риос Монт во текот на граѓанската војна наредил убивање на повеќе од 1.700 припадници на Маите во текот на владеењето во 1982 и 1983 година, пренесува Би Би Си.
Преживеаните ги опишале злосторствата на војската над староседелците, за кои постоело сомнеж дека помагале на левичарските бунтовници.
Пензионираниот генерал Риос Монт ги негирал обвиненијата и истакнал дека не знаел за масакрот, ниту пак дал наредба додека бил на власт.
Според обвинителите, Риос Монт бил шеф на државата за време на најкрвавиот период од војната, и ги игнорирал ситуациите во кои војниците силувале, измачувале и подметнувале пожари со цел да ја „ослободат“ Гватемала од левичарските бунтовници.
Поранешниот шеф на военото разузнавање, Маурисио Родригес Санчес, кој исто така бил под обвинение со Риос Монт, е ослободен од обвинението.
Ова е прв случај во светот каде еден национален суд го прогласува шефот на државата – крив за геноцид, бидејќи до сега тоа беше практика на меѓународните судови.