Во Бугарија Јавното обвинителство откри 350.000 гласачки ливчиња во печатницата „Мултипринт“ во градот Костинброд, кои не припаѓале во предвидениот законски број на гласачки ливчиња наменети за утрешните вонредни парламентарни избори.
Гласачките ливчиња, биле пронајдени синоќа после што било алармирано јавното обвинителство, кое наредило истрага- проверка на печатницата и да се испитаат сведоците.
Печатницата е затворена, изборниот материјал е запленет и поднесени се кривични пријави против сопственикот кој важи за близок на партијата на Бојко Борисов.
Печатницата „Мултипринт“ е во сопственост на локален советник од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), која досега беше дел од владината коалиција.
Нивното образложение е дека како и во секој процес на технологија, при печатењето се произведува вишок материјал, кои според законот требало да се чува до завршување на изборите, а потоа да биде уништен.
Лидерот на опозициската Социјалистичка партија Сергеј Станишев обвини дека со оваа акција е откриена подготовка за изборен фалсификат:
– Наведениот број на ливчиња е 10 отсто од очекуваната излезност на утрешните избори. Овие ливчиња носат 25 пратеника, изјави Станишев.
Пратеникот Цветомир Паунов, од партија ГЕРБ, смета дека обвинувањата на опозицијата се далеку од вистината:
– Нема никакви приведени лица, кои се претставници или општински советници од ГЕРБ и сето изнесено е бесрамна лага. За жал сите овие шпекулативни тврдења нарушија денот за размислување. И на еден неприфатлив и нелегален начин намерно се врши политичка агитација и се шират лажни информации, изјавил Паунов.