Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп на Твитер напиша дека во апсолутно споредување, би добил повеќе гласови од Хилари Клинтон, доколу „би се одзеле гласовите од милиони луѓе кои нелегално гласале“, но не предочи докази за масовната измама.
Трамп доби повеќе гласови во Електоралниот колеџ и на тој начин беше прогласен за претседател. Во тек е броењето на гласовите во најнаселените сојузни држави, и во моментов Клинтон има околу два милиони гласови повеќе.
Правниот тим на Клинтон вчера соопшти дека се согласил да учествува во повторното броење на гласовите во Висконсин откако државната изборна комисија го одобри барањето на кандидатката на Зелените Џил Стајн за пребројување на гласовите. Според Трамп оваа иницијатива е „смешна“.
-Покрај тоа што убедливо победив во Електоралниот колеџ, победив испоред бројот на поединечни гласови ако ги одземете милионите луѓе кои гласаа нелегално, рече Трамп за време на престојот на Флорида.
Во следната порака на Твитер напиша дека би му било полесно да триумфира и според вкупниот број на гласови доколку кампањата ја водел во само три или четири држави, наместо во 15, колку што поминал.
Неколку часа подоцна во нова порака Трамп напиша: Сериозна гласачка измама во Вирџинија, Њу Хемпшир и Калифорнија, па зошто медиумите не известуваат за ова. Сериозна пристрасност- голем проблем!, без притоа да наведе докази. Инаку Клинтон победи во овие држави.
Американската претседателска трка ја решават членовите на Електоралниот колеџ врз основа на резултатите од гласањето во поединечните федерални држави, а не врз основа на вкупниот број гласови на ниво на САД.
На Трамп за победа на изборите му беа доволни 270 електорски гласови, а тој освои 306, додека Клинтон 232.




