Британската полиција вчера (понеделник) зела примерок ДНК од основачот на Викиликс Џулијан Асанж кој би требало да им помогне на шведските обвинители во истрагата што се води против него за силување, соопштија официјални претставници.
Примерокот од ДНК од Асанж бил земен во Амбасадата на Еквадор во Лондон каде тој се наоѓа од 2012 година кога од оваа земја побара азил, за да избегне екстрадиција во Шведска каде се води случај за силување, пренесува АФП.
-Асанж покажа документ во кој се наведува дека веќе дал примерок од ДНК во британската полиција и Шведска сега ќе го бара тоа, изјави претставник на Амбасадата за новинарите, наведувајќи дека еквадорскиот обвинител во средината на декември ќе го испрати до шведските власти транскриптот со сведочењето на Асанж од 14 ноември.
Асанж демантира дека извршил силување во Шведска и стравува дека шведските власти би го испорачале на САД каде го бараат за објавување тајни документи на Викиликс.




