Претседателката на Јужна Кореја Парк Геун хје побара денеска од Парламентот да најде начин како да отстапи од функцијата поради вмешаност во корупциски скандал и да одлучи кога би требало тоа да се случи.
-Ќе му оставам на Парламентот да одлучи за мојата иднина, вклучувајќи и скратување на мојот мандат, изјави таа.
Таа рече дека ќе отстапи од власт во согласност со законот кога ќе се најде начин за промена на администрацијата на мирен начин и да се намали можноста од политички немири.
Од главната јужнокорејска опозициска партија Демократска партија, меѓутоа, тврдат дека претседателката се обидува да избегне гласање за доверба, пренесе агенцијата Јонхап.
Поради корупциски скандал Пак двапати се извини, но ги одби повиците во јавноста да поднесе оставка, дури и кога пратениците подготвија процедура за проверка на довербата.
Во центар на скандалот е пријателката и соработничка на претседателката Парк, Цои Су сил, која е уапсена за измама и злоупотреба на службената положба. Обвинета е дека влијаела на Парк за да ги наведе индустриските компании да вложуваат во сомнителни фондови, а потоа тие пари ги користела за лични потреби.
Во Сеул беа организирани масовни протести на кои се бараше оставка од претседателката.




