Авионот што се урна во Централна Колумбија веројатно останал без гориво пред падот, сметаат истражителите, а се претпоставува дека пилотот намерно кружел пред слетување со цел да го потроши или да го исфрл горивото и на тој начин да избегне ескплозија, пренесува Дејли мејл.
Според истражителите, „многу е сомнително“ што авионот се урнал, но не експлодирал при падот.
Преживеаните патници изјавиле дека се уверени оти авионот останал без гориво неколку минути пред да слета на аеродромот во Меделин.
Британските и колумбиските власти денеска започнуваат истрага, откако се пронајдени црните кутии кои треба да дадат одговор дали несреќата се случила од технички причини, или можеби авионот останал без гориво.
Истражители од Бразил ќе им се придружат на колумбиските колеги кои ќе ја испитуваат содржината на црните кутии, пренесува Ројтерс, додавајчи дека во тоа се вклучени и стручњаци д Британија.
При падот на авионот, во кој се наоѓаа фудбалери на бразилскиот клуб Шапикоенсе загинаа 71 лице, а шестмина преживејаа. Од нив тројца се фудбалери, еден е спортски новинар, а двајца се членови на екипажот.
Иако се тврдеше дека во авионот има 81 патник, сепак четворица воопшто не се качиле на летот.




