Најавената оставка на италијанскиот премиер Матео Ренци по неуспешниот референдум за уставни реформи означува почеток на период на нестабилност во италијанската политика, а на потег е претседателот на Италија Серџо Матарела.
Според агенцијата Франспрес има три можни сценарија за натамошниот рзвој на ситуацијата.
Според првото, Ренци по последниот состанок на кабинетот денес ќе го посети Матарела кој од него би можел да побара да формира нова влада. Теоретски, Парламентот би можел да му изгласа доверба на Ренци или со актуиелното мнозинство или со новото, вклучувајќи ја и партијата Напред Италија на Силвио Берлускони.
Меѓутоа, на конференцијата за новинарите ноќеска по објавувањето на резултатите на референдумот се стекна впечаток дека Ренци ја исклучува таа можност.
– Моето искуство на владеење завршува овде, рече Ренци обраќајќи и се на јавноста по објавувањето на прелиминарните неофицијални резултати од референдумот, според кои против уставните реформи гласале меѓу 57 и 61 отсто од граѓаните, додека „за„ биле меѓу 39 и 41 отсто.
Толку убедлив резултат го прави враќањето на Ренци малку веројатно, оценува агенцијата АФП.
Технократска влада – најверојатнa опција
Втората опција би била именување на технократска влада, што според оценката на АФП е најверојатното сценарио. Тоа значи дека Матарела би именувал претседател на владата со поддршка на актуелното или проширеното мнозинство.
Преодната влада би имала задача да го усвои буџетот за 2017 година и да го предаде на Парламентот на гласање како и да го модифицира новиот изборен закон пред следните избори.
Преодниот премиер исто така би можел да одлучи да продолжи со работа до крајот на актуелниот мандат на Парламентот во февруари 2018 година што би било многу непопуларен потег, особено меѓу политичките движења како што се Пет ѕвезди кои бараат предвремени избори.

Третата опција е итно распуштање на Парламентот, што, според АФП е најмалку веројатно.
Целта на неодамнешната изборна реформа беше да се осигура дека водечката партија ќе има парламентарно мнозинство во долниот дом на Парламентот –Домот на пратениците. Но неуспехот да се изгласа реформа на Горниот дом на Парламентот -Сенатот значи дека неговите членови и натаму ќе се бираат според пропорционален систем со што двата дома остануваат непомирливи, а парламентарното мнозинство е речиси невозможно.
Популистичкото движење Пет ѕвезди на основачот и лидер Бепе Грило бараше изборите да се одржат за една недела, уверен дека изборниот закон би можел да се смени во Сенатот доколку биде потребно, за да биде усогласен со оној од Долниот дом.
Меѓутоа, повеќето други партии кои имаат мнозинство во Парламентот не се согласуваат со тоа, и наместо тоа предлагаат реформа на изборниот закон.
Што предлагаше Ренци
Италијанскиот премиер сакаше на Сенатот да му оневозможи да ги блокира законите. Со тоа Сенатот би го изгубил правото и да покренува постапка за гласање неводерба на Владата, а досегашните 315 избрани сенатори би ги заменил со 100 регионални советници и градоначалници кои би биле индиректно избрани.
Според Ренци таквите промени би ја намалиле нестабилноста на политичкиот систем. Од втората светска војна наваму во Италија имало 63 влади, што се смета за голема пречка во справувањето со економските и политичките предизвица на третата по големина економија во ЕУ.
Ренци предложи да се укине дводомниот парламентарен систем според кој за некој закон да биде изгласан мора да го усвојат двата дома. Речиси сите партии во земјата се залагаат за таква реформа, но кога Ренци охрабрен од тоа што ја има поддршката и од опозицијата распиша референдум и дури понуди оставка во случај на негов неуспех, се случи следново: сите партии повикаа да се гласа против само за да го тргнат од власт.
Од друга страна пак, доколку референдумот успееше ќе дојдеше до концентрација на моќта во рацете на премиерот. Тоа е уште една од причините зошто опозицијата жестоко се спротивстави на предлогот. Кон тоа се придружи и бившиот премиер Силвио Берлускони кој предлогот го нарече „негација на демократијата“.
Поразот на Ренци значи дека останува стариот и комплициран систем на власт. Доколку Ренци опстои на ветувањето и си замине од функцијата, Италија ќе ја добие 64 по ред влада во изминатите 70 години.
Kомичарот – најпопуларен меѓу народот
На крајот, претседателот Матарела ќе биде тој што ќе одлучи за блиската иднина на Италија и ќе обезбеди мнозинство за формирање на технократска влада доколку сака да избегне, како што многу аналитичари веруваат, предвремени избори следната година.

Движењето Пет ѕвезди, на чие чело е некогашниот комичар Бепе Грило, според последните анкети води како најпопуларна опција во Италија.
Италијанските медиуми денеска на првите страници едногласно истакнаа како никој не очекувал ваква надможна победа на опцијата „не“ на референдумот.
„Кориере дела Сера“ пишува дека победил бранот на опцијата „не“, „Република“, наведува дека се работи за триумф на опцијата „пшротив“, додека „Фато квотидијано“ истакнува дека „Уставот го победи Ренци со 59 спрема 41“.




