Опсерваторијата за човекови права во Сирија информираше дека сириската војска и сојузниците се пробиле во стариот дел на градот Алепо.
Ексамбасадорот на САД во Хрватска пак, Питер Галбрајт, за Њујорк Тајмс вели војната е готова, а останува само да се прекинат борбите во бунтовничките „џебови“.
Според него, силите на Башар Ал Асад со помош на Русија, Иран, шиитските милиции и либански Хезболах се на чекор од преземање на контролата врз Алепо.
„Постоеше апсолутно контрапродуктивна идеја која ја фаворизираа американските елити од двете партии, вклучувајќи ги и Бил Клинтон, Медлин Олбрајт, Џорџ В. Буш и други, дека требаше да ѝ се дава воена помош на умерената сириска опозиција. Таквата помош никогаш не можеше да го смени исходот на војната, само доведе до поголем број мртви. Иако исходот е јасен, многу е важно како ќе заврши војната“, вели тој.
Галбрајт смета дека во интерес на САД е Сиријците да се вратат во своите домови и да дојде до тотален распад на Исламска држава и другите екстремисти.
„Тоа може да се направи само со целосна соработка со Русите, кои му овозможија на Асад да победи во војната. За среќа, Русите ги делат повеќето американски цели, па дури и ако тоа на Асад не му одговара“, дополнува американскиот дипломат.
Според него, САД и Русија мора да почнат преговори за завршување на судирите меѓу режимот и умерената опозиција.




