Речиси 8 илјади цивили се евакуирани од сирискиот град Алепо, а во моментов трае пренесувањето на жителите со шестиот конвој, соопштија турски официјални претставници.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на Твотер објави дека со пет конвои досега се евакуирани 7.000 цивили, пренесува Ројтерс.
Претходно руското Министерствотo за одбрана објави дека операцијата за евакуација на цивилите и бунтовниците од Алепо продолжува и дека во изминатите 24 часа евакуирани се над 6.400 луѓе, вклучувајќи и 3.000 бунтовници.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека оваа операција би можела да потрае со денови.
Агенцијата АФП објави дека уште десетици илјади жители се заробени во градот.
Алепо досега го напуштиле и три конвои со ранети цивили, борци и нивни семејства.




