Арсенал, по Евертон, загуби и од Манчестер Сити со 2:1 во дербито во 17 коло на Премиерлигата. Тренерот на лондонскиот клуб, Арсен Венгер, беше бесен по натпреварот на „Етихад“ по двата, според него, примена гола од недозволена позиција.
„Во првите 45 минути бевме опасни и остри, а во второто полувреме паднавме на физички план. Згора на се, судиските одлуки беа против нас. За двата гола имаше офсајд. Со оглед дека се работи за важен натпревар, мислам дека навистина се премногу вакви одлуки на наша штета. Целата сезона се суди против нас, а денес повторно морав да гледам како примаме два гола од офсајд.
„Но, што да правам? Судиите се заштитени како лавови во кафез.“, рече Венгер.
Петр Чех во последните седум натпревари прими гол што е негова најлоша низа во 12 сезони, колку што игра во Премиер лига.
„Вториот гол промени се. Разочарани сме од исходот. Не освоивме ниеден бод, но има уште до крајот и мораме да се концентрираме на својата игра и да се вратиме на победите“, изјави Чех.