Додека трае интензивната потрага по Тунижанецот осомничен за нападот на божиќниот панаѓур во Берлин, кога загинаа 12, а најмалку 48 луѓе беа повредени во германските медиуми денеска се појавуваат се повеќе детали за него, а еден од ние е и дека требало да биде протеран од Германија.
Германската полиција денеска објави фотографија на осомничениот чии документи се најдени во камионот со кој беше извршен нападот.
Се работи за Анис А., кој според пишувањата на германските медиуми има повеќе пасоши и дека е на возраст меѓу 21 и 23 години.
На полицијата и бил познат поради пријави за нанесување телесни повреди, но не е подигнато обвинение бидејќи му се изгубила секаква трага.
Анис А. требало да биде протеран
Според пишувањето на Тагесшпигел осомничениот лани летото поднел барање за азил, но молбата му била одбиена и требало да биде протеран, но повеќето обиди за тоа биле безуспешни.
Шпигел пишува дека Тунижанецот на основа на судска одлука во Равенсбург е приведен и затворен пред протерувањето. Засега е нејасно дали протерувањето било спроведено, па потоа тој се вратил во Германија.
Медиумите тврдат дека тој имал контакти со мрежата на исламисти на Абу Валае. Наводно имал и повеќе идентитети – дури 8.
Во 2012 година тој стигнал во Италија, а во 2015 во германија. Во април гопдинава поднел барање за азил.
Престојувал во покраината Северна рајна Вестфалија и имал контакти со исламистите околу Абу Валае, кој неодамна е уапсен и кој важел за број еден претставник на Исламската држава во Германија.
Инаку, Тунижанецот, според телевизијата АРД, се распрашувал за оружје кај еден полициски доушник.
Исто така овој медиум објави дека се следени неговите телекомуникации, но дека во декември успеал да се скрие.
Тунижанецот живеел кај српски државјанин уапсен за тероризам
Српските медиуми денеска објавија дека осомниченито Анис А. некое време живеел кај Германец со српско потекло Бобан С. кој минатиот месец е уапсен поради врбување за Исламската држава, заедно со Абу Валае. Нему му се припишува врбување на луѓе во Дортмунд за радикалниот ислам и дека ја поддрживал ИД.
Бил задолжен, новите регрути да учат арапски јазик и исламски норми. Германската полиција долго време го надгледувала Бобан С. Кој има германски и српски пасош. Уапсен е на 8 ноември во рамки на поголема акција против припадници на ИД во Германија.




