Тунижанецот осомничен за терористичкиот напад на божиќниот саем во Берлин се наоѓа на црната листа и не би можел да влезе во САД, објави денеска Њујорк тајмс, повикувајќи се на разузнавачки извори.
Анис Амри (24), чии документи се пронајдени во каминот со кој е извршен терористичкиот напад во понеделникот, при што беа убиени 12, а повредени околу 50 луѓе, според истите извори на интернет барал информации за тоа како се прави експлозив и барем еднаш бил во директен контакт со членови на Исламската држава преку апликации за размена на пораки преку телеграм месинџер.
Дојче веле објавува дека сепак не е јасно што понатаму се случило.
Германските медиуми денеска објавија дека на вратата на „сканијата“ се пронајдени отисоци од прстите на Амри.
-Неможноста Амри да биде задржан во притвор и да биде депортиран укажува дека Германија, земја која е горда на својата ефикасност, страда од истите проблеми како и Франција и Белгија, така што дозволува на луѓе познати на властите да извршуваат дела на насилство, пишува Њујорк Тајмс.
Дојче веле пишува дека Амри за неколку месеци во Германија стасал до листата на Сојузната канцеларија за криминалистика.
Се работи за листа на лица за кои постои сомнение дека би можеле да извршат политички мотивирани тешки кривични дела, или еден вид на листа на потенцијални терористи.
На неа во моментов има 549 имиња, од кои половината се опасни и се наоѓаат во Германија, а од нив 80 се во затвор.
Анис Амри не бил во затвор, туку од март до септември оваа година бил под присмотра поради информација да планира набавка на автоматско оружје.
Според наводите на берлинското обвинителство, немало нови податоци кои би го поткрепиле сомневањето дека Амри планира вооружен терористички напад, па затоа мерките на надзор се повлечени.
Како што пишува Њујорк Тајмс, Амри еднаш бил во затвор, во август годинава во Фридрихшафен каде бил фатен со фалсификувани италијански документи., но е пуштен.
Во илегала, според Зидојчецајтунг, преминал во декември кога му се губи секаква трага.
Осомничениот за нападот во Берлин, во западниот дел на Германија се движел во кругот на салафистичкиот проповедник Абу Вала кој е уапсен на почетокот на ноември под сомнение дека предводи мрежа за поддршка на ИД во Германија.
Вала е познат како човек без лице поради обичајот своите проповеди да ги држи свртен со грб кон камерите и да ги поставува на јутјуб каналот и на други платформи.
Според сознанијата на истражителите, тој регрутирал борци за џихад и практично им помагал на радикализираните муслимани да отпатуваат во Сирија или Ирак и да се придружат на ИД.
Во најтесниот круг на исламистички агитатори кои се уапсени истиот ден кога и Вала е и Бобан С. За кого германските медиуми пишуваат дека е со српско потекло и дека има пасош на Србија и Германија. Тој наводно во Дортмунд делувал под името Абдурахман организирал „конспиративни состоаноци“ во својот стан.
Адвокатот Буркхард Бенекен за германскиот весник Келнер Штатанцајгер изјавил дека нападот на божиќниот панаѓур во Берлин најверојатно бил планиран повеќе месеци.
Тој објаснува дека негов клиент, во случајот на напад на еден верски објект во Есен, рекол дека чул уште во мај дека има планови за такви напади.
-Тогаш во салафистичките кругови во регионот Рур разговарано е за напад во Берлин во кој би се користел камион, вели Бенекен.




