Операцијата на евакуација на десетици илјади луѓе од источниот дел на Алепо и на две шиитски села во сириската провинција Идлиб е завршена, соопшти денеска Меѓународниот комити на Црвениот крст.
-Сите цивили кои сакаа, како и ранетите и борците се евакуирани, изјави портпаролката Криста Армстронг за Ројтерс.
Операцијата на евакуација во зимски услови Црвениот крст ја изведе со помош на Црвената полумесечина од Сирија.
Сириската војска претходно соопшти дека вториот по големина сириски град Алепо во целост е вратен под контрола што се смета за најголема победа на режимската војска во војната која трае веќе 6 години.
Сирискиот претседател Башар ал Асад изјави дека враќањето на Алепо под контрола е победа за неговите руски и ирански сојузници, исто колку и за неговата земја.




