Авион на либиската компанија „Африкија ервејз“ кој летал на локална рута од Себа до Триполи денеска е киднапиран, и откако е пренасочен кон Малта, слетал на овој медитерански остров, објави на твитер профилот премиерот на Малта Џозеф Мускат.
Како што јави Ројтерс во авионот од типот Ербас А320 имало 118 патници и членови на екипажот, а двајцата киднапери се заканувале дека ќе активираат бомба.
Малтешкиот премиер истакна дека се подготвени сите безбедносни и спасувачки операции.
Тајмс оф Малта пишува дека се работи за еден киднапер, кој тврди дека има рачна бомба, е приврзаник на либискиот водач Муамер ел Гадафи и дека рекол оти е спремен да ги пушти сите патници од авионот, доколку му бидат исполнети сите барања, но е е познато што точно барал.
Африкија Ервејз има само два лета неделно и тие се внатре во Либија.
Последното киднапирање авион на Малта се случило во 1985 година кога авион Боинг 737 на компанијата Иџипт Ер бил пренасочен од Египет кон Малта. Речиси 24 часовната драма тогаш заврши со масакр откако 62 египетски командоси влегоа во авионот. Двајца од киднаперите беа убиени, а еден преживеа.




