Утринава околу 4:30 часот колона од околу 60-тина граѓани на Црна Гора пеш тргна од Подгорица кон Цетиње, каде денеска во текот на инаугурацијата на ново-стариот претседател на Црна Гора, Филип Вујановиќ, ќе го изразат незадоволството од моменталната состојба во државата, јавува агенцијата Анадолија.
Група граѓани, организирани од независниот новинар Марко Милачиќ, одлучи своето незадоволство против состојбата во државата да го искажат во вид на граѓански бунт и марш до Цетиње, и тоа токму денеска кога очите на јавноста во Црна Гора, па и во регионот, ќе бидат вперени кон Цетиње.
Вујановиќ вечерва треба да положи заклетва и да го почне својот трет мандат. Меѓутоа, како што јавува агенцијата Анадолија, неизвесно е дали ќе има пратенички кворум. Една од владеачките црногорски партии, Социјалдемократска партија, денеска ќе одлучи дали ќе присуствува на посебната свечена седница на Собранието на Цетиње, со оглед на тоа дека нивниот став од почетокот беше дека третата кандидатура на Вујановиќ е неуставна.
Инаугурацијата на реизабраниот претседател на Црна Гора, Филип Вујановиќ, и полагањето заклетва пред пратениците ќе го бојкотира комплетната опозиција, Демократскиот фронт, Позитивна Црна Гора и Социјалистичката народна партија.
Демонстрантите, кои маршот симболично го нарекоа „Марш против мафијата“, планираат да стигнат пред нивната крајна цел, Владиниот дом, каде денеска околу 18 часот ќе се оддржи свеченото полагање на заклетвата на Вујановиќ, додека чинот на полагање на заклетвата почнува еден час подоцна.