Божиќ стана заложник на заслепувачкиот материјализам кој го засени Бог и направи многумина да станат слепи за гладните, мигрантите и оние кои се загрозени од војните, рече Папата Франциско.
Во текот на синоќешната миса, која по четврти пат ја служеше на Бадник откако стана Папа во 2013 година, рече дека на светот кој често е опседнат со подароци, прослави и егоцентризам му е потребна поголема понизност.
На мисата присуствуваа над 10.000 верници и десетици кардинали и бискупи. Папата порача дека многумина во светот на богатите треба да се потсетат дека пораката на Божиќ е понизност и едноставност.
-Исус е роден и отфрлен од некои, а многумина кон него беа индиферентни. Денес, исто така може да постои иста таква рамнодушност, кога Божиќ ќе стане прослава чии протагонисти сме самите ние, а не Исус, кога светлата на комерцијализација ќе го засенат Бог, кога сме фокусирани на подароци, а ладни кон маргинализираните, порача Папата.
Папата Франциско, чие залагање за сиромашните стана негов заштитетн знам, рече дека малиот Исус би требало да биде потсетник за сите кои денес страдаат, посебно за децата. Според него, денешниот предизвик треба да бидат децата во светот кои го немаат вниманието на родителите туку се кријат под земја бегајќи од бомби или на дно на чамец преполн со мигранти.
Мерките на безбедност во Италија се засилени за време на Божиќ откако италијанската полиција го уби Анис Амри, осомничен за напад на божиќниот панаѓур во Берлин, кога се убиени 12, а ранети над 50 луѓе.




