Младата фудбалска репрезентација е најсветлата точка во македонскиот спорт за 2016 година. Се пласира на Европското првенство во Полска и се промовира како гордост на нацијата, а нејзините играчи како нејзини херои. Историскиот успех беше остварен на импресивен начин и под водство на Благоја Милевски. Со само еден пораз, три реми и шест победи заврши како првопласирана во квалификациската група 3 покрај скапата Франција, изненадувачки добриот Исланд, секогаш незгодната Украина и непредвидливите островски претставници Шкотска и Северна Ирска.
Резултат за почит остварија шахистите на „Алкалоид“. Благодание на нив, во Скопје пристигна пехарот од европскиот клупски куп. „Фармацевтите“ во Нови Сад се надминаа себеси. Низ седумте мечеви ја покорија конкуренцијата и со подвигот го збогатија одбележувањето на двојниот јубилеј во годината – четири децении од формирање на клубот и осум децении од постоење на спонзорот-гигант што сите години наназад несебично стои зад нив.
И женска ракометна репрезентација е вредна за одбележување во екипните спортови. По пауза од четири години забележа победа на меѓународната сцена, а по неа и уште една на турнирот на Фарски острови, за пласман во баражот за Светското првенство во Германија во 2017 година.
Вицешампионот Шкендија беше најрепрезентативниот примерок од Македонија на европската клупска сцена во летниот период. Тетовци останаа најдолго од, вкупно, четирите претставници што ги имавме во квалификациите за Лига на шампиони и Лига Европа. Додека останатите (Вардар, Работнички и Силекс) се збогуваа со Стариот континент по само два настапа, тие одиграа осум. Ја елиминираа полска Краковија, азербејџански Нефчи и чешка Млада Болеслав пред да бидат запрени од белгиски Гент пред групната фаза во второто по ранг натпреварување на УЕФА.
Останатите светли точки што ги исфрли домашниот спорт во 2016 година се индивидуалци. Македонија во Лина Ѓорческа ја доби првата тенисерка на гренслем турнир. Настапот во квалификациите за Ју-Ес опен ги заврши уште на стартот меѓутоа настапите на останатите турнири, трите титули во поединечна конкуренција, седумте во двојки и прогресот на ВТА листата до 206 место беа доволна препорака во изборот за спортистка на годината.
Одлична година зад себе имаше и Томи Стефановски. Ветеранот победи на 30. издание на Охридски маратон, ја освои светската гранпри серија на ФИНА во далечинско пливање што на крајот му донесоа и влез во Куќата на славни маратонски пливачи во САД.
Медал од голем настан донесе каратистот Емил Павлов. Македонскиот репрезентативец освои бронза во борби во категоријата до 60 килограми на Европското првенство во Монпелје, Франција во мај.
Кире Лазаров со Барселона додаде неколку трофеи во своето и онака богато досие. Освои нова шпанска титула во АСОБАЛ лигата со Каталонците, триумфира во Купот на кралот, во Лига купот, АСОБАЛ Суперкупот.
Игор Стефановски-Иџе не успеа да го одбрани тронот во Европскиот автомобилистички куп на ФИА, но 2016 година ќе ја памети по победа на легендарната италијанска патека „Имола“. Ракометарите на Вардар беа запрени во четврт-финале во Лигата на шампиони, ракометарките, пак, одново заиграа на Фајнал фор турнирот и одново освоија бронзен медал.