Унгарскиот премиер Виктор Орбан го крена на нозе официјален Берлин, кој е скандализиран од неговите изјави:
-Германија веќе еднаш, во времето на национал-социјализмот „испрати тенкови во Унгарија“ и нека не го прави тоа уште еднаш, изјави Орбан во неделното радио интеревју, јавува Дојче Веле на Македонски.
Премиерот всушност реагирал на изјавите на германската канцеларка Ангела Меркел, која во четвртокот на германската телевизија ВДР, Европафорум рече:
– Ќе сториме се за да ја изведеме Унгарија на вистинскиот пат, но нема веднаш да испратиме коњаница.
Оваа порака на Меркел се однесува на забелешките на кандидатот за канцелар од редовите на социјал-демократите Пеер Штајнбрик, кој зборуваше за евентуално исклучување на Унгарија од ЕУ, и истовремено асоцираше на неговиот познат цитат за коњаницата: во даночниот спор со Швајцарија Штајнбрик во 2009 година во шега се закани, дека ќе ја позиционира коњаницата против алпската држава, доколку и натаму ги заштитува германските даночни затајувачи.
Орбан во интервјуто потоа го врати ударот:
-Германците веќе еднаш испратија коњаница против Унгарија, во форма на тенкови. Нашата молба е, да не ги испраќаат. Тоа не беше добра идеја, не се докажа.
Унгарскиот премиер мислел на окупацијата на Унгарија во 1944 година („Операција Маргарете“). Меѓутоа, тогаш не се работеше за „непријателска“ окупација, оти Унгарија беше близок сојузник на Германија под Хитлер.
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле излезе со остра критика на споредбата на Орбан:
-Тоа за жал е испад, кој јасно го отфрламе“, изјави тој.
Освен тоа и функционерите во германските партии ЦДУ, СПД и Зелените во Берлин изразија големо негодување.
Шефот на пратеничката група на Зелените Јирген Тритин се заложи за тоа дека Меркел би морала да упати јасни зборови до „автократот“ од Будимпешта.
Претседателот на ЕУ парламентот Мартин Шулц изјави:
-Сигурен сум дека Орбан многу добро разбра, дека канцеларката испрати повеќе иронична опомена во правец на Унгарија – меѓутоа неговите популистички тенденции не го запреа ниту од напад врз неговата партиска пријателка Меркел.
Со оглед на фактот што партијата на Орбан ФИДЕШ, исто како и ЦДУ на Меркел спаѓа во Европските народни партии, претседателот на пратеничката група на Зелените во Европскиот парламент Даниел Кон Бендит, побара став од Европските народни партии. Тој праша уште колку долго ќе се гледа однесувањето на Орбан, без да се преземат чекори.