Ако се земат предвид ПМ 2.5 честиците во воздухот, кои многу лесно се вдишуваат, Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа, покажува најновата студија на Финскиот метеоролошки институт.
Скопје има два пати повисоки концентрации на ПМ 2.5 честици во споредба со најзагадените градови во Европа, информираше Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје.
Студиите од Финскиот институт ја потврдуваат анализата која претходно беше објавена од македонскиот Институт за јавно здравје, дека 1.300 животи се губат годишно од аерозагадувањето во Македонија, а кое најсилно влијание има кај ранливите групи.
– Најмногу луѓе умираат кога има најголемо загадување, а тоа е во зимскиот период. Од 30 до 35 отсто случаи на смртност се поврзуваат со аерозагадувањето. Најчесто кај ранливите групи. Тоа се прилично високи бројки. Во просек околу 1.300 животи се губат поради аерозагадувањето, потенцираше Ѓорѓев.
Тој рече дека на денешната работилница за проценка на ефектите на загадениот воздух се разговарало за повеќе аспекти и начини како да се реши воздухот но дека ова се главните алармантни бројки на смрност на населението како последица од воздухот.
Ѓорѓев информираше дека претставиле и нацрт-план за интерсекторско решавање на проблемот со загаденоста, бидејќи се работи за комплексен проблем, и изрази надеж дека Владата ќе го усвои истиот.
– Ние сакавме да прикажеме колку е ризично да се живее во овој смог, вели Ѓорѓев за анализата изработена во соработка со Финците за да се покаже сериозноста на проблемот.
Кратко пред камерите, зборуваше и финскиот експерт Ото Ханинен, кој образложи зошто аерозагадеувањето е многу мало во неговата земја.
– Централното парно греење е важно, бидејќи до 60-тите куќите се топлеа на дрва и јаглен. Но потоа беа изградени централи за парно греење кои сега ги затоплуваат сите домови. Сообраќајниот систем е исто така важен. Возниот парк во Финска беше еден од најстарите во споредба со земјите од ЕУ, меѓутоа со големата промена последните 30 години, се намалија емисиите на загадувачки честици од возилата, потанцирапе Ханинен.
Анализите за кои денес информираше Институтот за јавно здравје, произлегуваат од твининг проект поддржан од ЕУ за засилување на капацитетите на Македонија за проценка на квалитетот на воздухот.