Ниту еден Албанец не сака да соработува со Груевски, изјави неодамна Невзат Бејта, потпретседателот на ДУИ. Денеска кај него во општина Гостивар влезе финансиска полиција. Тој обвини за реваншизам од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија од архива: Невзат Бејта (лево) заедно со Никола Груевски (втор од лево) и тогашниот министер за образование и наука Спиро Ритовски (трет од лево) заедно сечат лента на отворање на спортска сала во основно училиште во Гостивар.
Финансиската полиција денеска влегла во канцеларијата на гостиварскиот градоначалник Невзат Бејта, јави телевизијата „ТВ21“. Бејта, кој е потпретседател на ДУИ, тврди дека оваа посета од финансиката полиција претставува реваншизам поради неговото отворено противење партијата повторно да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ.
Ова прв пат се случува откако кажав дека нема Албанец што сака коалција со Груевски. Јас како потпретседател на ДУИ давам изјави кои мислам дека се важни за општеството и не прифаќам политички уцени, рече Бејта за „ТВ 21“.
Од финансиската полиција за телевизијата изјавиле дека таму биле за да проверат наводни нерегуларности за инфраструктурен проект на општината во селото Тумчовиште кој чинел 80 илјади евра или истиот проект кој претставуше пат којшто ги поврза селата Тумчовиште и Чегране, а на коешто отворање Бејта и Груевски заедно сечеа лента.