Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев вчера му го врачи мандатот за состав на нова влада на Пламен Орешарски, кандидатот за премиер од Коалицијата за Бугарија, јави БГНЕС.
Ова уследи откако претходно партија ГЕРБ на Бојко Борисов се откажа од составување влада, бидејќи никој не сакаше да коалицира со неговата партија.
Новиот мандатар најави дека ќе стори сè што е во негова можност владата да биде претставена и изгласана во најкус можен рок.
„Кога ќе завршат консултациите меѓу главните политички сили, програмата според која ќе работи владата ќе биде објавена”, ја пренесува Макфакс изјавата на Орешарски.
Лидерот на социјалистите Сергеј Станишев изјави дека владата најверојатно ќе биде поддржана од две партии, Бугарската социјалистичка партија(БСП) и Движењето за права и слободи.
Тој додаде дека „Атака” нема да ја поддржи владата на Орешарски.
На предвремените избори одржани на 12 мај, ГЕРБ, партијата на десниот центар, освои најмногу мандати, но недоволно сама да состави влада.