https://www.youtube.com/watch?v=kh1wbGTMKpg
Ден спроти стапувањето на должност на новиот американски претседател илјадници луѓе во Њујорк и во Вашингтон, демонстрираа против Доналд Трамп.
Во Њујорк демонстрантите се собраа пред зградата Трамп во близина на Централ парк.
Меѓу нив беше и градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, но и холивудските актери Роберт де Ниро, Алек Болдвин, Сели Филд, Марк Рафало.
– Утрешниот ден не е крај, туку почеток. Ние немаме страв од иднината, изјави градоначалникот на Њујорк, кој повеќепати демонстрираше несогласување со Трамп особено околу прашањето на доселувањето.
Говорниците укажуваа и на тоа дека Трамп на изборите во ноември не го добил мнозинство гласови од граѓаните, туку од електорите.
– Ние сме мнозинство, порача режисерот Мајкл Мур, истакнувајќи дека „тој нема да остане на власт четири години“.
За актерот Роберт де Ниро Трамп е лош пример како за земјата, така и за Њујорк.
На отворањето на прочуениот филмски фестивал Санденс во сојузната држава Јута, актерот Роберт Редфорд изјави дека ќе има „движење“ против кратењето на давачките кое го најави Трамп.
– Фестивалот не е политичка манифестација, претседателите доаѓаат и заминуваат – ние се концентрираме на приказните раскажани од уметниците, порача Редфорд.
За денеска се закажани околу стотина демонстрации и протести во Њујорк и Вашингтон.




