Врз основа на покренатото обвинение, полицијата на ЕУЛЕКС во соработка со единицата за специјални операции на косовската полиција (РОСИ) вчера после попладне уапси пет лица осомничени за воени злосторства.
Уапсените Сами Луштаку, претседател на општината Скендерај, Јахир и Зеќир Демаку, Хисни Тачи и Сахит Јашари биле испрашувани во полиција а подоцна биле притворени во полициската станица „Центар“ во Приштина.
На барање на обвинител во случајот Маурицио Салустро, синоќа во Приштина пристигна и косовскиот амбасадор во Албанија, Сулејман Селими. Селими, петмината притворени и уште неколку други лица, денеска во 15 часот, ќе излезат пред судското тело.
Сите се товарат за воени злосторства против цивилното население во форма на насилство на телото и здравјето на цивилите кои биле чувани во центар на ОВК во Ликовец, општина Скендерај.
За Селими се води истрага и за убиство на еден цивил. По спроведената истрага покренато е обвинение пртив амбасадорот Селими, поранешен Командант на Генерал штабот на ОВК, познат под псевдонимот „Султан“ и шеснаесет негови соборци, познати како „Групата од Дреница“.
По војната во Косово, Селими беше Командант на безбедносните сили на оваа држава.
Минатата година, премиерот Хашим Тачи, го именува за амабсадор на Косово во Албанија.