Британската Влада ќе мора да добие поддршка од Парламентот за да го започне формалниот процес за излез на Британија од ЕУ, пресуди денеска Врховниот суд.
Со тоа Судот го отфрли аргументот на Владата дека премиерката Тереза Меј може едноставно да ги искористи извршните овластувања да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор и да ги започне двегодишните разговори за Брегзит.
Британската Влада разочарана, но ќе ја примени одлуката
Британскиот државен правобранител Џереми Рајт соопшти денеска дека Владата ќе ја примени одлуката на Врховниот суд премиерката Тереза Меј да добие одобрение од Парламентот пред да ја започне формалната процедура за излез на земјата од ЕУ.
-Секако, Владата е разочарана од исходот, но ќе ја прифати одлуката на Судот и ќе направи се што е потребно, изјави Рајт пред Врховниот суд.
Меј: Ќе ја започнеме процедурата до крајот на март и покрај одлуката на судот
Британија ќе покрене правна процедура за излез од ЕУ до крајот на март и покрај одлуката на Врховниот суд според која Владата мора да чека на одлука на Парламентот, изјави денеска портпаролот на премиерката Меј.
– Британците гласаа за излез од ЕУ и Владата ќе ја спроведе нивната одлука- активирајќи го член 50, како што е планирано до крајот на март. Денешната одлука нема ништо да смени, изјави тој.
Од Владата најавија дека за неколку дена ќе претстават нацрт закон за започнување на Брегзит.
Министерот за Брегзит Дејвид Дејвис изјави дека тој „едноставен закон“ ќе и овозможи на владата побрзо да започне со реализација на својот план за почнување на формалниот процес до крајот на март.
Премиерката на Шкотска: Мора да не консултираат за Брегзит
Британската Влада е обврзана да го консултира шкотскиот Парламент по прашањето за напуштање на ЕУ во контекст на денешната одлука на Судот, изјави премиерката на Шкотска Никола Старџон.
-Тврдењата дека Шкотска е еднаков партнер се празна проказна, а преодниот договор кој требаше да го заштити нашиот интерес се покажа како безвреден, додаде премиерката.




