Новиот македонски филм „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска во продукција на „Сестри и Брат Митевски“ својата премиера ќе ја има на престижниот Берлински филмски фестивал во февруари.
Продуцентот Лабина Митевска на вчерашната прес-конференција истакна дека да се биде дел од Берлиналето кој е еден од најголемите филмски фестивали во светот, претставува голем успех.
„Како продуцент горда сум што Македонија ќе има филм на Берлин што е голема шест за нашата кинематографија. Нема автор кој не посакува да биде дел од Кан, Берлин или Венеција. Таму конкурираат над 10.000 филмови, а само од регионот над стотина, рече Митевска, пренесе МИА.
Според неа, ова е еден од најзрелите филмови на Теона, и го носи нејзиниот уникатен стил на визуелно раскажување. Акцент е ставен и на медиумската презентација на филмот на Берлин, за што биле ангажирани угледен европски публицист и искусен агент за продажба.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на РМ со половина милион евра. Копродуценти на филмот се продукциите од Словенија „Вертиго“ и „Ентре Шиен е Луп“ од Белгија, а доби поддршка и од престичниот европски фонд Еуримаж.
Премиерата на филмот е закажана за 14 февруари во Зоо палатата во Берлин во терминот од 19 часот. Покрај премиерата, филмот ќе има уште шест проекции. На премиерата ќе присуствуваат режисерката Теона Митевска, продуцентот Лабина Митевска, сценаристот Елма Татараѓиќ и шесте млади главни актери, селектирани од над 400 кои се пријавиле за улогите. Ова е трето учество на Теона Митевска на Берлиналето по „Како убив светец“, „Јас сум од Титов Велес“ и „Жената која ги избриша солзите“.