Првите последици од наредбата на Доналд Трамп за забрана за влез во САД на жителите на 7 муслимански земји се почувствуваа веднаш.
Агенциите јавуваат дека повеќе авионски компании одбиле да примат на летот за САД лица од седумте земји. Наредбата им забрани влез во САД на луѓето од Ирак, Сирија, Иран, Либија, Сомалија, Судан и Јемен или на дури 134 милиони луѓе, според податоците на Светска банка за 2013 година. Наредбата не се однесува на дипломати и функционери кои работат во меѓународни организации.
Најавите се дека администрацијата на Трамп ќе биде „многу агресивна“, што значи дека веројатно ќе следи забрана и за други земји. Од Белата куќа велат дека главната задача на контроверзната одлука е да се „одржи Америка безбедна“.
Така денес холандската компанија КЛМ, германската Луфтханза, турската Туркиш Ерлајнс или египетската ЕџитЕр не им дозволија на повеќе патници да се качат на авион и покрај тоа што луѓето имале уредни документи и визи за престој во САД. На една студентка од Иран која редовно студира во Калифорнија исто така не и било дозволено да се качи на авионот на Туркиш Ерлајнс.
По ова, Иран најави дека ќе примени реципроцитетна мерка по “навредливата” одлука на САД и дека нема им дозволува на Американците да влегуваат во Иран.
Во својот говор денес Трамп рече дека не треба да се заборават лекциите на 11 септември. Но, две муслимански земји беа поштедени од наредбата на Трамп – Пакистан и Саудиска Арабија. Иако Саудиска Арабија е позната како земја на потекло на 15 од 19те терористи од 11 септември 2001 година. За набљудувачите, причината лежи во економските и бизнис инетреси на Трамп во оваа земја.
Американската унија за граѓански права и неколку други организации за човекови права денес поднесоа тужба во судот во Бруклин против наредбата на Трамп а во име на двајца Ирачани. Тие биле уапсени на аеродром во САД денес. Еден од нив работел за американската војска во Ирак а другиот е сопруг на поранешна соработничка на разузнавачките служби на САД.




