Данска е првата земја во светот која одлучи да воведе амбасадор за дигитален развој.
Скандинавските земји речиси секогаш се пример за иновации, развој и демократија. Во време на дигитална технологија, Данска го објави својот план за инсталирање на дигитален амбасадор кој ќе работи со компании како Епл, Гугл и Мајкрософт.
Големите компании „имаат влијание врз Данска исто како и државите“, вели министерот за надворешни работи Андерс Семјуелсен за весникот Политикен.
„Овие компании се еден вид нации и мора да бидеме во чекор со тоа. Се разбира ние ќе продолжиме со стариот начин на комуникација со другите земји. Сакаме едноставно да имаме поблиски односи со овие компании кои имаат влијание на нас”, рече министерот.
Со ова, Копенхаген отвора нови дипломатски линии за комуникација со САД и останатите земји од ЕУ. Оваа идеја на Данска е исто така начин да се лобира за инвестирање во дигитален бизнис во земјата, а Фејсбук и Епл веќе објавија дека ќе градат центри во Данска.