Поранешниот норвешки премиер Кјел Магне Бондевик бил задржан на испрашување и спречен да го напушти меѓународниот аеродром „Дулс“ во Вашингтон, САД затоа што во 2014 година го посетил Иран, јави АБЦ7.
Тој беше премиер на Кралството Норвешка во два мандати, 1997-2000 и 2001-2005.
Во Вашингтон од Европа слетал во вторникот неделава, но кога сакал да си оди бил задржан затоа што во неговиот пасош службите забележале дека бил во Иран во 2014 година.
„Секако дека го разбирам стравот од тероризам, но требаше да е очигледно дека не сум терорист, а не помогна ниту фактот кога кажав дека сум бил и премиер на Норвешка, ниту пак дипломатскиот пасош“, изјавил тој.
Тој бил сместен во соба со патници од Блискиот исток и Африка кон кои што, според него, билe подложни на далеку поголеми контроли од онаа кон него. Околу 40 минути чекал во собата, а потоа речиси половина час бил испрашуван за неговата посета во Иран.
Бондевик е претседател на организацијата за заштита на човекови права „The Oslo Center” и во 2014 во Иран бил гостин на конференција за човекови права каде што држел говор. Тој тврди дека полицијата на аеродромот му рекла дека тоа што е испрашуван „нема врска со новите забрани на Трамп, туку се однесувало на некоја постара одлука на Обама“.
Тој во Вашингтон дошол на традиционалниот национален молитвен појадок којшто секоја година се одржува во Вашингтон, а домаќин е конресот на САД. Се одржува првиот четврток во фебруари и таму се влегува само со покана, а на појадоците традиционало се обраќа претседателот на САД. Овој појадок беше првиот молитвен појадок на Доналд Трамп како претседател на САД.




