Романскиот претседател, Клаус Јоханис, во обраќањето во Парламентот изјави дека земјата е во политичка криза после масовните протести на демонстрантите против владините мерки кои би ги ослабиле антикорупциските закони во земјата.
Јоханис пред пратениците, навести дека социјалдемократската влада би требало да си поднесе оставка за да се реши кризата, но посочи дека мисли оти не треба да се распишат нови избори.
Соочен со најголемите протести од падот на комунизмот во 1989 година, романскиот премиер Сорин Гриндеану во неделата ја поништи спорната одлука која би им овозможила на политичарите кривичен прогон.
Шефот на романската држава веднаш ги поддржа противниците на таа мерка, а денес рече дека поништувањето на указот и можната смена на министерот за правда не се доволни и дека решението на кризата се наоѓа внатре во левицата.

Претседателот, кој е од десниот центар, навести дека владата би требало да поднесе оставка и владејачката Социјалдемократска партија да формира нова влада, но не и да се распишат нови избори, бидејќи партијата освоила убедлива победа.
„Вие победивте, сега владејте и носете закони, но не било како. На Романија и е потребна нова влада, која ќе работи транспарентно и во светлото на денот, а не скришно ноќе“, рече тој, алудирајќи дека указот е усвоен во ситните саати.
Пратениците од мнозинството ја напуштија салата за време на неговото обраќање. Некои гласно негодуваа и дофрлуваа дека треба да му биде срам. А, други пратеници му аплаудираа.
Претседателот на владејачката Социјалдемократска партија, Ливиу Драгнеа, и претседателот на сенатот, Калин Попеску, одбија да се поздрават со Јоханес кога стигна во Парламентот.
Драгнеа изрази разочарување што Јоханис не одржа говор на единство и рече дека претседателот треба да ја остави владата на мира.
Романскиот премиер, Сорин Гриндеану, рече дека нема никаков коментар за говорор на претседателот и повика на мир и стабилност.
Протестите продолжуваат, се бара оставка на Владата
Откако успеаја да ја сменат спорната владина одлука за декриминализација, Романците сега бараат и смена на владата. Тие веќе осми ден се на улиците во Романија.
„Не си одиме“, „Остануваме овде колку што е потребно“, „Време ви е да си одите“, се некои од пораките кои илјадниците демонстранти и’ ги упатија на владата од плоштадот во Букурешт.
„Сакаме премиерот да излезе од оваа зграда и никогаш повеќе да не се врати. Тој е најголемо разочарување. Тоа се нашите желби и затоа стоиме овде цела ноќ, бидејќи сакаме да си оди“, изјави еден од граѓаните кои протестираат.
Но, такво нешто на премиерот Сорин Гриндеану не му паѓа на памет. Тој мисли дека доволно направил што ја повлекол уредбата и со тоа докажал дека во Романија има демократија.
Но, бидејќи демонстрантите не го слушаат, премиерот и владејачките партии организираа свои протести. И тоа пред кабинетот на претседателот Клаус Јоханес. Трн во око на владејачката гарнитура.





