Премиерот на Косово Хашим Тачи ја призна Северна Митровица како посебна општина, кога го прифати планот за имплементација на бриселскиот договор, пишува денеска весникот „Коха“.
Признавањето на општината Северна Митровица е извршено низ планот за примена на „првиот договор на принципите за нормализација на односите“, кои Тачи и српскиот премиер Ивица Дачиќ го потпишаа на 19 април оваа година.
Согласно со Уставот и законите кои се на сила во Косово, Парламентот на Косово треба да донесе посебна одлука за формирање на општина Северна Митровица.
Весникот истакнува дека согласно со пакетот на меѓународниот посредник Марти Ахтисари општината Северна Митровица ќе има додатни овластувања да даде вторстепена здравствена заштита (регионална болница), вклучувајќи и регистрација и лиценцирање на здравствени установи, вработување, исплаќање на лични примања и обука на здравствени и административни работници во здравството.
Општина Северна Митровица ќе има овластување и во областите на основното, средното и високото образование, вклучувајќи и лиценцирање и регистрација на образовните институции.