Членовите на радикалната партија „Борци за економска слобода“ (ЕФФ), сите облечени во црвено со беретки на главата, се степаа со обезбедувањето во јужноафриканскиот Парламент кои ги исфрлија, бидејќи го попречувале претседателот на државата Џејкоб Зума додека ја образложувал состојбата во државата.
– Бевме трпеливи со вас, се обидовме да ви дадеме прилика да зборувате, но вие ја злоупотребивте, изјави претседавачот со седницата.
Би Би Си јави дека Зума на двапати се обидувал да стане, но членовите на ЕФФ го надгласувале.
Во екот на хаотичните сцени, претседавачот со седницата се обидел да ги менаџира прекините, но сите обиди да се воведе ред биле неуспешни, и на крај е повикано обезбедувањето кое ги исфрлило од салата.
Веднаш потоа од салата излегле и претставниците на другата опозициска партија – Демократската унија, а претседателот Зума со насмевка кусо прокоментира: “Конечно“, и продолжи да зборува за економијата и за другите проблеми во државата.
За тоа време, надвор од Парламентот полицијата со солзавец се обидувала да ги растера опозициските подджувачи и приврзаниците на Владата.
Зума го обвинуваат за корупција и за непотизам, и го критикуваат за начинот на кој ја води економијата во државата.
Додека влегувал во Парламентот, претставниците на ЕФФ предводени од лидерот на партијата Јулиус Малема извикувале „крадец“, додека приврзаниците ја извикувале кратенката на Африканскиот национален конгрес – АНЦ.
Пред две години, во 2015, членовите на ЕФФ исто така беа исфрлени од Парламентот бидејќи дошле облечени како келнери.




