Северна Кореја утрово лансираше балистичка ракета во Јапонското море, што е по првпат откако Доналд Трамп е на чело на САД. Јужна Кореја, Јапонија и САД веднаш го осудија настанот и соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата. Сеул и Вашингтон соопштуваат дека ги разгледуваат сите можности за да се спречат ваквите ракетни провокации од Пјонгјанг.
Пјонгјанг тестираше ракета од среден дострел која паднала во Јапонското море, соопшти Пентагон, а не интерконтинентална балистичка ракета чие лансирање го најавуваше Северна Кореја.
Лансирањето уследи само еден ден откако Трамп се сретна со јапонскиот премиер Шинзо Абе во Вашингтон и два дена по телефонскиот разговор со кинескиот претседател.
Абе и Трамп одржаа заедничка прес конфренција по лансирањето. Во свечената сала во куќата на Трамп на Флорида, Абе во кратката изјава рече дека Пјонгјанг мора да ги почитува релевантните резолуции на Советот за безбедност. Трамп само ја потврди поддршката на САД за Токио, како што рече од 100 проценти, но не го спомена Пјонгјанг.
Минатата година Северна Кореја спроведе 8 ракетни проби. Администрацијата на Трамп соопштува дека разгледува нови санкии и поголемо воено присуство на корејскиот полуостров. Исто така Вашингтон ќе изврши притисок на Кина за да поработи повеќе на ограничување на ракетните провокации опд Пјонгјанг.




