Туркменистанскиот претседател, Гурбангулиј Бердимухамедов, кој е на власт од 2006 година, доби и трет мандат освојувајќи 98 отсто од гласовите, објави изборната комисија на оваа држава во средна Азија, која е една од најзатворените на светот.
Одѕивот на изборите кои се одржаа вчера бил многу висок, односно на гласање излегле 97 проценти од гласачите.
Досегашниот претседател имаше осум противкандидати, речиси сите непознати ликови. Сите тие се јавни службеници, директори на државни претпријатија или кандидати на политички партии кои се верни на владата.
Бердимухамедов е на функцијата претседател во последните 11 години, откако на должноста го наследи покојниот доживотен претседател Сапармурат Нијазов и владата на таа поранешна советска република со „железна рака“.
После два петгодишни мандати Бердимухамедов овој пат ќе остане на власт најмалку седум години, благодарејќи на уставната реформа усвоена во септември.
„Изборите одлучија за иднината на народот во текот на следните седум години. Ќе ја продолжиме политиката на унапредување на социјалната помош за народот“, најави Бердимухамедов.
Тој го задржа репресивниот политички состав на Нијазов, кој не толерира политичка опозиција или јавно изразување на незадоволство, а исто така воспостави култ на личноста сличен на претходникот.
Додека Нијазов беше познат како Туркменбаши – лидер на сите Туркменистанци, Бердимухамедов го нарекуваат Аркадаг или заштитник.
Туркменистан е една од државите кои произлегоа со распадот на Советскиот Сојуз. Располага со значајни извори на плин и нафта, но за поголем развој нужни се повеќе вложувања во инфраструктурата.




