Мајкл Флин, советникот за национална безбедност Доналд Трамп поднесе оставка во понеделникот навечер, откако е откриено дека разговрал со рускиот амбасадор во САД Сергеј Кисљак за санкциите кои администрацијата на Барак Обама во заминување ги воведе за Москва, пред Трамп да ја преземе должноста и со тоа го измамил потпретседателот на САД Мајкл Пенс дека тој разговор не постоел, пренесува Ројтерс.
Како што наведува британскиот весник Гардијан, ова до сега е најдраматичниот настан што и се случува на хаотичната администрација на Трамп.
-За жал, поради брзиот развој на настаните, ненамерно не го информирав потпретседателот на Пенс и другите за нецелосната информација во врска со мојот телефонски разговор со рускиот амбасадор. Искрено се извинив на претседателот и на потпретседателот и тие го прифатија моето извинување, напиша Флин во оставката.
Тој претходно му рекол на потпретседателот Пенс дека не разговарал со овој амбасадор, а таков контакт би можел да биде и кршење на американскиот закон, бидејќи на обичните граѓани не им е дозволено да водат надворешна политика.
Белата куќа доцна синоќа издаде соопштение во кое е објавена оставката на Флин, во кое исто така се наведува дека за вршител на должноста советник за национална безбедност е именуван Џозеф Келог, генерал во пензија.
Оставката на Флин се случува само неколку часа откако е објавено дека Министерството за правда ја предупредило Белата куќа минатата недела дека Флин би можел да биде „ранлив на уцени“ поради контактите со рускиот амбасадор Кисљак пред инаугурацијата на Трамп на 20 јануари.
Заминувањето на Флин претставува „отрезнување“ на почетокот на мандатото на Трамп, а истовремено би моќело и да го забави затоплувањето на односите со рускиот претседател Владимир Путин.
Претходно, во понеделникот портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер соопшти дека претседателот Доналд Трамп врши проценка на ситуацијата во врска со советникот за национална безбедност Мајкл Флин и разговара со потпретседателот Мајк Пенс за тоа.

Ројтерс истакнува дека соопштението на Спајсер, што им го прочитал на новинарите, оставило сомнение во врска со статусот на Флин.
Советничката во Белата куќа Келиен Конвеј претходно изјави дека советникот Флин ја има „целосната доверба“ од претседателот на САД ДОналд Трамп. Изјавата на советничката стаса во моментот кога, како што пренесува Ројтерс, „Флин се обидува да ја преживее контроверзата врзана за неговите контакти со руски функционери пред преземањето на должноста од страна на Трамп“.
-Генералот Флин ја има целосната доверба од претседателот, рече Конвеј, која беше и првиот официјален преставник на Белата куќа која се изјасни по ова прашање, четири дена по упорните новинарски прашања за статусот на Флин.
Ен Би Си њуз претходно јави дека на оваа американска телевизија и е кажано дека одреден број на советници на Трамп го охрабруваат шефот на Белата куќа да размисли да му даде отказ на Флин поради тоа што не признал дека разговрал со рускиот амбасадор Кисљак за санкциите кои администрацијата во заминување ги воведе за Москва.
Притоа се потсетува дека Флин и транзицискиот тим на Трамп негирале дека постои ваков разговор. Ен Би Си њуз истакнува дека вакви кадровски промени се случуваат во секоја администрација, било републиканска или демократска, но никогаш вака рано на самиот почеток на мандатот.
Вишиот политички оветник во Белата куќа Стивен Милер одби во емисијата на оваа телевизија да каже дали Трамп и натаму има доверба во Флин.

Сајтот politiko.com објави дека Трамп на пријателите и на сојузниците им се пожалил не само од Флин, туку и од својот шеф на Кабинет Ринс Прибус и од прес секретарот на Белата куќа Шон Спајсер.
Оставката на Флин е внатрешна работа на САД, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј песков.
-Рековме што сакавме да кажеме, изјави Песков на прес конференција. Тој претходно изјави дека Флин и рускиот амбасадор не разговарале за санскиите и одби да одговори на прашањето за обој негов претходен коментар.




