Ракавицата е фрлена кај Клејце. Ракометарите на Вардар го „преживеаја“ и гостувањето кај ПИК Сегед и на 24 часа осамнаа на првото место во групата Б во Лигата на шампиони. Го совладаа унгарскиот состав со 23:21 и го префрлија притисокот кај полскиот и европски првак во борбата за лидерската позиција што значи прескокнување на осминафиналето и директен пласман во топ 8. Тимот на Талант Душебаев во недела попладне ќе игра со Целје во Словенија.
ПИК и Вардар имаа израмнета пресметка во Сегед. „Црвено-црните“ според желбениот план влегоа во мечот, во двата наврата водеа со три гола разлика (9:6 и 12:9), но Унгарците на двапати стигнуваа и не дозволија да исчезне неизвесноста. На одмор се замина со плус 1 (12:11) за составот на Раул Гонзалез за второто полувреме да понуди реприза на воведните половина час игра.
Од 30 до 45 минута главниот збор го водеа домашните играчи. Нивната серија од пред пауза продолжи и по неа и со серија од 5:2 поведоа со 16:14, а во 47 минута имаа и 19:16. Во наредните 10 минути следуваше заплет, а во завршните 120 секунди расплет. Вардар најпрво „врзаа“ четири гола за пресврт и предност со 19:20 на што ПИК Сегед имаше одговор за 20:20 и 21:21. Но, го немаше во финишот. Контра во гол за 22:21 претвори Тимур Дибиров по него и Душебаев го совлада Сиера за конечни 23:21.
Дибиров со шест гола и Карачиќ со пет беа најефикасни во вардаровата екипа, кај унгарскиот состав тоа беше Словенецот Скубе со 6 погодоци. Одличен меѓу стативите беше Арпад Штербик кој одбрани 13 топки и 3 пенали.
Македонскиот шампион е во одлична позиција за остварување на зацртаната цел. До крајот на групната фаза остануваат уште три меча со Целје, Мешков Брест и Кристијанштад, екипи од долниот дел на табелата во групата Б. И во случај и Вардар и Кјелце да добијат се што им преостанува на патот, како првопласирани во четврт-финале ќе патуваат „црвено-црните“ поради подобар меѓусебен скор со полскиот екипа.
ПИК Сегед – Вардар 21:23 (11:12)
Спортска сала во Сегед. Гледачи: 3200. Судии: Евгениј Зотин и Николај Володков од Русија.
ПИК Сегед: Сиера, Шего, Обрановиќ, Калман 3, Бодо 1, Горбок 4, Гонсалвеш, Зубаи, Балог 4, Скубе 6, Блажевиќ, Габер, Шоштарич 1, Родригез, Банхиди 2, Бунтиќ. Тренер: Хуан Карлос Пастор.
Седмерци: 1/4. Исклучувања: 8 минути. Технички грешки: 1
Вардар: Штербик (13 одбрани, 3 седмерци), Ангелов, Стоилов, Мораеш, Македа 1, Деревен, Карачиќ 5, Душебаев 3, Абутовиќ, Канелјас 2, Циндриќ 3, Чупиќ 3, Дибиров 6, Шишкарев, Борозан, Марсениќ. Тренер: Раул Гонзалез.
Седмерци: 2/4. Исклучувања: 6 минути. Технички грешки: 2
Лига на шампиони
Група А
Резултати, 11. коло
Фленсбург – ПСЖ 33:34
Висла Плоцк – Силкеборк 28:25
Шафхаузен – Барселона 24:31
Кил – Веспрем 25:27
Табела: Барселона 20, ПСЖ 18, Веспрем 12, Фленсбург 1 (-1), Кил 11, Висла Плоцк 8. Силкеборг 4, Шафхаузен 2 (-1).
Група Б
Резултати, 11. коло
ПИК Сегед – Вардар 21:23
Мешков Брест – ППД Загреб 21:21
Утре играат: Кристијанштад – Рајн Некар Левен, Целје – Кјелце
Табела: Вардар 16, Кјелце 14 (-1), Рајн Некар Левен 13 (-1), ПИК Сегед 13, Мешков Брест 12, Кристијанштад 6 (-1), ППД Загреб 5, Целје 5 (-1).