Телефонот на Адолф Хитлер што го користел за да издаде многу од своите команди продаден е на аукција за 243.000 долари, соопшти аукциската куќа „Историски аукции на Александер“.
Почетната цена на телефонот била 100.000 долари, а аукциската куќа не го соопшти името на купувачот, пренесува АФП.
Телефонот марка СИменс, чија оригинална боја била црна, а кој е подоцна обоен во темно црвена, го има изгравирано името на Хитлер, кукаст крст и орел – симбол на Третиот Рајх, а пронајден е во неговиот бункер во Берлин во 1945 година.
Аукциската куќа во каталогот телефонот го нарече „веројатно најразорното оружје на сите времиња, кое испрати милиони луѓе во смрт“, како и дека Хитлер го користел за издавање повеќето наредби во последните години од Втората светска војна.
-Невозможно е да најдете повпечатлива реликвија од основното средство кое го користел најозлогласениот човек во историјата, се вели во соопштението.
Телефонот што е продаден во неделата, руските војници му го предале на британскиот офицер сер Ралф Рајнер како сувенир, набрзо откако Германија се предала, а синот на Рајнер кој го наследил го ставил на продажба.
Еден од вработените во аукциската куќа за АФП изјави дека цената на телефонот е направена врз основа на неговата реткост и единственост.
-Тоа бил мобилниот телефон на Хитлер за уништување, изјавил тој.





