Косовската претседателка Атифете Јахјага му даде рок од три дена на најзиниот претходник, а сега актуелен вицепремиер Беџет Пацоли, да си го земе мебелот од претседателскиот кабинет. Ако не го стори тоа, таа се закани дека ќе го однесе во магацин.
Канцеларијата на косовската претседателка Атифете Јахјага конечно ќе добие нов мебел, по што нема да остане ништо од она што го донесе Пацоли, објави електронското издание на приштинскиот весник „Експрес“.
– Канцеларијата на претседателката на Република Косово ве известува во рок од три дена да си го земете мебелот. По овој рок истиот ќе биде однесен во соодветен магазин, се посочува во писмото од 27 мај до кабинетот на потпретседателот на Владата Пацоли.
Пацоли, откако беше избран за претседател на Косово претседателскиот кабинет со свои лични средства го опреми со најсовремен мебел. Тој на функцијата беше нешто повеќе од еден месец. Поднесе оставка на 31 март, откако Уставниот суд на Косово одлучи дека за време на неговиот избор, во Собранието била прекршена процедурата, бидејќи немало противкандидат и задолжителните две третини пратеници во првите два круга од гласањето.